Во Неготино се реализираат инфраструктурни инвестиции во износ од над 4 милиони евра за изградба и реконструкција на улици, плоштади, паркови и комунална инфраструктура, соопштија владини претставници по денешната посета на општината.
Заменик-претседателот на Владата Александар Николоски, заедно со премиерот Христијан Мицкоски и градоначалничката Марија Нацева, извршија увид во повеќе градежни активности што се реализираат со поддршка на Владата.
-Во моментов, само преку програми кои што се од Владата, преку Министерството за транспорт, се инвестираат некаде околу 246 милиони денари или над 4 милиони евра во изградба на улици, водоводни и канализациони системи, понатaму паркови, кружен тек, плоштад. Навистина е задоволство да се биде денес во Неготино, да се види колку многу проекти или се завршуваат, или се работат, или ќе почнат да се работат, кажа Николоски и најави дека ќе се разговара и за нови проекти во градот.
Меѓу проектите е реконструкцијата на улицата „29-ти Ноември“, која се спроведува преку Министерство за транспорт, со вредност од 28,7 милиони денари, како и изградбата на нов кружен тек вреден 9,8 милиони денари.
Од Владата посочуваат дека преку тековните програми и инфраструктурните повици во општина Неготино се реализираат вкупно 12 проекти, насочени кон подобрување на урбаното живеење и локалниот економски развој.
Според изјавите, инвестициите опфаќаат уредување на улици, водоводни и канализациони системи, паркови и јавни површини, а целта е модернизација на градската инфраструктура и создавање подобри услови за граѓаните и стопанството.

