-Сите плачевме кога почина Тито, а денес поинаку се зборува за тоа. Јас останав иста. Не дозволувам некој да ме менува, бидејќи така му одговара. Јас сум жив сведок на тоа време, вели легендарната поп дива Тереза Кесовија (87), која неодамна во Сплит одржа проштален концерт, по над 60 години успешна кариера.

Таа ја претставуваше Југославија на Евровизија во 1972 година со песната ,,Музика и ти”, и во текот на својата кариера остави голем број на хитови кои и денес се слушаат. Во минатото имала средби со голем број на историски личности, а Јосип Броз Тито и неговата сопруга Јованка посебно ја почитувале како уметник и повеќе пати била во нивно друштво.
-Тој многу ја сакаше мојата песна ,,Ноно”. Беше добар и драг човек, и имам право да кажам дека многу го почитував и сакав. Никој не смее да ги сфати овие мои зборови како нешто лошо. Јас живеев во таа ера. Тој човек сакаше да бидам во негова близина, не само јас, и други уметници често беа околу него, не собираше сите. Би била лошо човечко суштество кога би плукнала на се во мојот живот, па така и на тој период, кажа Кесовија за хрватските медиуми.

