-Ниту на сон не можевме да претпоставиме што ќе ни донесе животот пред десет години, кога мојата сопруга Ангела ја напиша песната ,,Не ме оставај сам”. Живеевме во љубов, Бог ни подари прекрасно синче, кој да знаел дека еден ден јас ќе ја снимам таа песна во чест на мојата сопруга која не е повеќе со нас, но и како поддршка на сите оние кои изгубиле некој близок. Да знаат дека не се сами во борбата, дека колку и да им е тешко, мора да имаат верба и да продолжат напред.
Токму тоа јас го правам, откако тешката болест ми ја зеде Ангела, ни раскажа во интервју пред три години Иван Усовски, по промоцијата на песната за која музиката и аранжманот се на Игор Димовски, а текстот на неговата сопруга која почина од канцер. Таа беше директорка на градинките ,,Мајски цвет” и остана запамтена во јавноста како креативен и вреден работник.
Иван пак, израснал во дом за деца без родители, па поради тоа бил воден од идејата да им помага на децата без родителска грижа преку музика. Тогаш ни кажа дека ако работите во музиката му тргнат напред, би направил хуманитарен концерт, а средствата би отишле кај децата без родители.
Песната на Ангела ја снимил затоа што сакал да остане нешто зад неа, на некој начин да го одбележи нејзиниот живот и да го овековечи споменот на неа. Истата е објавена на музичкиот канал Јутјуб.
В.К.

