Здружението на Украинци во Македонија ,,Лесја Украинка” се огласи во јавност по повод апелите за помош на млада жена со дете, која се претставува како Украинка, и која питачи пред маркети во Скопје. Како што истакнуваат, претставници од здружението ја нашле жената и и понудиле помош, но таа одбила секаква помош – сместување, вработување, храна, односно одбила секаква друга помош, освен пари. Дури и се налутила, бидејќи приказната излегла во јавност, што и пречело да собира пари.
Од здружението апелираат до јавноста, доколку некој ја забележи, веднаш да ги информира и да ги извести за нејзината локација.
Во прилог, соопштението од здружението во целост.
-Здружение на Украинците во Република Северна Македонија „Лесја Украинка“
Во врска со многубројните објави на социјалните мрежи за девојка со мало дете, која се претставува како државјанка на Украина и бара милостина во центарот на Скопје (конкретно, пред маркетите од синџирите КАМ и Тинекс), Здружението го соопштува следново:
Веднаш по добивањето на информациите за оваа девојка, претставници на Здружението ја утврдија нејзината локација и стапија во директен контакт со неа (фотографија од претставникот на Здружението во моментот на разговорот е во прилог).
Во текот на разговорот, на девојката ѝ беше понудена сеопфатна помош:
Детално и беа објаснети начините и роковите за законски престој во Македонија (добивање дозвола за привремен престој од хуманитарни причини, азил или туристички престој).
Услуги од преведувач и консултации за подготовка на документи за привремен престој.
Беше препорачано да контактира со конзуларниот оддел на Амбасадата на Украина во Република Северна Македонија.
Беше понудено содејство при барање сместување, официјално вработување и обезбедување материјална помош (храна, облека, предмети за основни потреби – освен пари).
Беше понудена помош за заминување во други европски земји со повисоки социјални стандарди.
Исто така, информирани сме дека истиот ден хуманитарната организација „Св. Спас“ ѝ понудила бесплатно сместување и храна. Помош понудија и Црвен Крст на град Скопје со сите расположливи ресурси, како и Legis, Ecrowd фондација и други. Здружението од своја страна беше подготвено да ѝ купи СИМ-картичка, бидејќи девојката изјави дека нема телефонски број.
Како резултат на тоа, оваа државјанка ги одби сите видови понудена помош. Таа изрази незадоволство што нејзината приказна доби јавност, изјавувајќи дека тоа „ѝ пречи да собира пари“. И покрај ветувањето дека сама ќе купи телефонска картичка и ќе стапи во контакт со претставниците на Здружението, во текот на изминатите два дена таа не се јави.
Врз основа на горенаведеното, Здружението на Украинците „Лесја Украинка“ изјавува дека направи сè што е во негова моќ за да ѝ помогне на оваа државјанка и се оградува од одговорност за нејзината понатамошна судбина и легалноста на нејзиниот престој во земјата. Понатамошното решавање на ова прашање (вклучувајќи ги и евентуалните нарушувања на јавниот ред или административните прекршоци) го оставаме на надлежните органи на Северна Македонија.
Им благодариме на граѓаните за будноста и грижата!
Здружение на Украинците „Лесја Украинка“
П.С. Ве молиме известете нè за нејзината локација доколку некој повторно ја забележи, соопштија од здружението.
Деск
МЛАДАТА УКРАИНКА КОЈА ПИТАЧЕШЕ ВО СКОПЈЕ ОДБИЛА ПОМОШ И СЕ НАЛУТИЛА БИДЕЈЌИ НЕЈЗИНАТА ПРИКАЗНА ИЗЛЕГЛА ВО ЈАВНОСТ
3 Mins Read

