Премиерот Христијан Мицкоски порача дека високото образование во државата мора да се реформира системски и со долгорочна визија, оценувајќи дека досегашните законски решенија довеле до пад на квалитетот и научната продукција.
Тој истакна дека новиот закон за високо образование е подготвен во партнерство со академската заедница и има за цел да воведе повисоки стандарди, поголема отчетност и нов модел на финансирање на универзитетите, каде дел од средствата ќе зависат од постигнатите резултати.
-Дојде време да престанеме со експерименти и да почнеме со системски решенија. Како генерација мора да сме свесни дека ако продолжиме на овој начин да функционираме ќе ги изгубиме младите и да не се чудиме зошто илјадници наши млади студираат на универзитетите во регионот. Мора да понудиме квалитет ако сакаме да имаме генерации коишто утре ќе ја водат оваа држава.
Со импровизирање и со адхок решенија или решенија што се креирани само за една мала група на луѓе не можеме да одиме напред. Или ќе ја работиме работата како што треба или подобро воопшто да не ја работиме и да ставиме клуч и да знаеме дека државата нема иднина, но јас ќе се борам се додека сум претседател на Владата во оваа држава да има многу поголема иднина од оваа којашто некој за жал ја претскажува и за жал одредени опозициски структури коишто сакаат да ја врата во оние темни мрачни времиња исполнети со криминал, корупција, неквалитет и не просперитет. Мора да напредуваме на ранг листите каде што се оценуваат нашите универзитети, значително и на Шангајската ранг листа којашто сакале или не претставува главна репер листа којашто го оценува квалитетот на високото образование, кажа премиерот.
Мицкоски посочи дека еден од приоритетите е задржување на младите во државата, најавувајќи мерки за олеснет пристап до вработување на најдобрите студенти и стимулирање на научно-истражувачката работа.
Тој додаде дека буџетот за универзитетите е зголемен и изнесува 7,5 милијарди денари, нагласувајќи дека целта е зголемување на меѓународната конкурентност на македонските високообразовни институции и подобрување на нивните позиции на светските ранг-листи.
Според него, реформите се неопходни за да се спречи одливот на млади кадри и да се обезбеди поквалитетна иднина за образовниот систем во земјата.
Деск

