-Двапати се мажев за ист човек. Мајка ми ме омажи кога имав 17 години, на 21 година го родив синот. Тогаш веќе работев во театарот, а мојот сопруг многу не сакаше да му плачат бебиња. Имав проблеми со него и се разделивме. Не ме дочека како што треба кога се вратив од родилиштето. После тоа, го покренав разводот… Свекрва ми многу ја сакав, таа беше професорка по математика на факултет. На крај, по цели 20 години, јас и сопругот пак се венчавме, раскажа уметницата Добрила Чабриќ во ТВ емисија за РТЦГ.
Нејзините приказни секогаш се интересни за слушање и таа важи за инспиративна личност, полна со животен елан и во својата 98 година.
Веќе 45 години живее во Дојран во куќа која сама ја изградила и во која со неа останале да живеат до крајот на животот и нејзината мајка и свекрва. Сега пак, на 15 месеци од стотиот роденден, таа планирала да гради нов дом во Дојран, бидејќи сегашната куќа и се наоѓала на стрмен предел, и со време сакала да мисли на иднината, и на времето кога ќе и биде потешко да се искачува.
За своите планови раскажа во видео објавено на страницата на Велија Рамковски, со порака дека живее водена од мотото дека никогаш не е касно и дека на светот има добри луѓе.

