Како живите мртовци во Македонија станаа инспирација за одлична претстава која полни театарски сали?
-Жива сум, не сум почината, и со месеци одам по институции и докажувам дека по грешка ме направиле почината. Позајмувам пари, оти не можам ниту пензија да земам – низ плач раскажуваше штипјанката Драгица Панова во мај 2022 година. Нејзиниот сопруг починал на 4-ти јануари таа година, но наместо него, таа била заведена како почината. Одела од врата до врата до институциите, потполнувала потврди за живот, за да докаже дека е жива, но и задолжена, бидејќи не може да добие пензија.Откако случајот излезе во јавност, од Фондот за ПИОМ тогаш појаснуваа дека испратиле известување до Одделението за исплата на пензии во Скопје, од каде барале лична карта од жената и оформен документ за живот, но таа наводно не доставила лична карта.
– Доколку жената се јави, ние ќе го оформиме предметот и ќе го доставиме до Скопје со што нејзиниот проблем се решава, тврдеа од Фондот.
Сличен случај се најде во центарот на вниманието и со велешанецот Трајче Начеров кој исто така остана без пензија, бидејќи во скопската дирекција на ПИОМ му кажале дека човек со тие податоци не е повеќе помеѓу живите.
-Нема пензија, починат сте, ама дури треба и да вратите пари, оти Фондот ви исплатил пари за погреб! Сте си зеле отпремнина, ако умрете ние 35.000 денари даваме, ми рекоа службениците, а јас не само што не сум зел денар, туку и пензијата не можев да си ја земам, раскажуваше вознемирениот велешанец пред камерите на ТВ24. На крај, се утврдило дека е направена грешка при внесување на податоци, и тој бил заведен дека починал, наместо негова сограѓанка, која навистина починала.
Во Кочани пред неколку години пак, починал таткото, а по грешка синот бил заведен како починат. Уште една административна голгота и обиди да се докажува пред институциите дека си жив.
Ова се само дел од трагикомичните сведоштва на луѓе од Македонија, кои на некој начин му послужиле како инспирација на авторот Марјан Анѓеловски, кој во јуни 2022 година ја промовираше книгата ,,Среќен мртовец”, сатирична драма за живиот мртовец Живко, кој поради системска грешка добива решение дека починал.
Истата година во декември, започна изведбата на истоимената претстава. Главната улога во претставата ја играше докажаниот Благоја Чоревски, а претставата играше во повеќе градови.
Тогаш авторот Анѓеловски ни раскажа дека ликовите се измислени, ама инспирацијата ја добил од сличните случаи на кои сведочеше македонската јавност.
Драмата „Среќен мртовец“ освои европска трета награда на „Еуродрам“ – Европската мрежа за современа драма и превод во изборот на најдобри нови драмски дела на европско ниво за 2022 година.
В.К.

