Дванаесетгодишниот Виктор Митиќ од Србија стана вистинска сензација на социјалните мрежи, откако неговата љубов кон плетењето го направи вирален на Instagram. Иако е многу млад, Виктор веќе покажува дека талентот, упорноста и храброста немаат возраст.
Сè започнало со едноставна, но интересна идеја – за секој нов следбеник на Instagram да изработи по една плетена јамка. Првиот ден немал ниту еден следбеник, вториот ден бројката пораснала на 13, а веќе третиот ден неговите видеа се прошириле низ интернетот и Виктор станал вирален.
Денес, овој млад креативец брои дури 281 илјада следбеници, кои секојдневно го поддржуваат и го следат неговото необично хоби. Неговиот сон е да изработи најголем ќилим, создаден со љубов и труд, бод по бод. Во описот на својот профил Виктор искрено порачува:
„Сакам да плетам и тоа ми прерасна во хоби. Знам дека некои деца поради тоа не ме сакаат и ме навредуваат, но нема да се откажам и ќе продолжам да плетам за своите следбеници.“
Неговата приказна е доказ дека секој треба да го следи она што го сака, без разлика на туѓите мислења. Виктор денес не е познат само по своето плетење, туку и по пораката дека различноста е сила, а упорноста секогаш носи успех.
М.К.

