Независниот синдикат за образование и наука (НСОН) изрази сериозна загриженост поради најавената оптимизација во основните и средните училишта во земјава, нагласувајќи дека внимателно ги следи сите активности поврзани со овој процес.
На седница одржана на 18 април 2026 година, Советот на НСОН донел одлука во наредниот период да побара целосна и детална анализа од Министерството за образование и наука (МОН). Целта, како што информираат од синдикатот, е да се потврдат тврдењата на ресорното министерство дека планираната оптимизација нема да резултира со губење на работни места во образовниот сектор.
Од НСОН потенцираат дека ќе обезбедат правна поддршка за секој свој член чие работно место би можело да биде доведено во прашање. „Синдикатот ќе застане зад секој вработен кој ќе се соочи со евентуални последици од овој процес“, се наведува во соопштението.
Воедно, Советот на НСОН едногласно донел одлука да пристапи кон организирање штрајк доколку се реализираат најави за прогласување технолошки вишок и отпуштања на вработени во основните и средните училишта.
Синдикатот порачува дека ќе продолжи активно да ја следи состојбата и да презема мерки во заштита на правата на вработените во образованието.
Деск
ЌЕ ПОКРЕНЕМЕ ШТРАЈК АКО СЕ ОТПУШТАТ ВРАБОТЕНИ ВО УЧИЛИШТАТА, НАЈАВИ НЕЗАВИСНИОТ СИНДИКАТ ЗА ОБРАЗОВАНИЕ И НАУКА
1 Min Read

