На денешното рочиште за случајот „Пулс“, обвинетиот Дејан Јованов – Деко доживеа нагло влошување на здравствената состојба, по што во судницата интервенираше екипа на Итна медицинска помош.
Инцидентот се случил за време на пауза во судењето, кога Јованов се пожалил дека му е лошо. Присутните веднаш реагирале, а по кратка интервенција лекарите утврдиле дека неговата состојба е стабилизирана и дека може да продолжи да го следи процесот. Сепак, според информациите од судницата, тој одбил да земе храна и вода и покрај препораките од медицинскиот тим.
Одбраната на Јованов посочува дека неговата здравствена состојба е сериозно нарушена подолг период. Според адвокатката, тој има хронични проблеми со ’рбетот и претходно бил подложен на хируршки зафат. Дополнително, непосредно пред денешното рочиште, бил опериран поради инфекција, односно гнојна рана, по што, како што тврди одбраната, наместо да остане на болничко лекување, бил донесен директно во судница.
Во таа насока, одбраната повторно побара замена на мерката притвор со куќен притвор, повикувајќи се на влошената здравствена состојба на обвинетиот. Судот информира дека е запознаен со наводите и медицинската документација и најави дека дополнително ќе одлучува по барањето.
Судењето за случајот „Пулс“ продолжува со изведување докази и сослушување сведоци, додека јавноста внимателно го следи текот на постапката.
Деск

