Македонските здравствени власти најавуваат построга регулатива за никотинските ќесички, производ кој сè почесто се појавува на пазарот и меѓу младите. Со новиот Закон за заштита од пушење се предвидува забрана за продажба на никотински ќесички со вкусови, како и забрана за нивно изложување во продажните објекти, при што тие ќе бидат класифицирани како тутунски производи.

Од Министерството за здравство истакнуваат дека целта на мерките е намалување на изложеноста на младите на никотински производи и спречување на нивна рана употреба, особено преку привлечни вкусови и маркетинг кој е насочен кон помлади групи.
Сепак, паралелно со регулаторните најави, во јавноста се отвора дебата околу улогата на овие производи во намалување на штетите кај пушачите. Во некои земји, никотинските ќесички се третираат како помалку штетна алтернатива на цигарите и како помошно средство за откажување од пушење.
Во Македонија, според забелешки од дел од наставници, родители и здравствени работници, постои растечка загриженост дека овие производи се сè подостапни за младите. Се укажува дека никотинските ќесички лесно се набавуваат, а постојат и пријави дека дел од учениците ги користат дури и за време на училишните часови.
Експертите предупредуваат дека ваквата практика може да доведе до рана никотинска зависност, особено поради тоа што производите често се перцепираат како „побезбедна“ алтернатива на цигарите, иако сепак содржат никотин кој создава зависност.
Дебатата останува отворена: дали построгата забрана ќе го намали ризикот кај младите или ќе го отежне пристапот до потенцијално помалку штетни алтернативи за постоечките пушачи.
Деск

