СДСМ одбележа 35 години од формирањето, а на настанот присуствуваа голем број на поддржувачи на партијата, членови и функционери, помеѓу кои и пореншниот премиер Зоран Заев. Заев задоцнил, бидејќи бил на премиера на документарниот филм за Преспанскиот договор. Бранко Црвенковски пак, не се појави.
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на свечената седница по повод јубилејот од основањето на партијата, порача дека СДСМ 35 години ја носи одговорноста за иднината на државата преку креирање клучни државни политики и одлуки. Во своето обраќање, Филипче потсети на историските почетоци на партијата и државата, како и клучната улога на СДСМ во најтешките периоди и во создавањето на независноста на државата.
-Тоа не беше време на лесни решенија. Тоа беше време на санкции, ембарга, неизвесност и кревка државност. Но, токму тогаш се покажа дека политиката не служи за да се делат улоги и функции, туку за да се носи тежината на државата. И затоа, кога денес се навраќаме на тие почетоци, не треба да паметиме само имиња и функции. Треба да ја паметиме лекцијата: државата не се гради со викање, државата се гради со разум, со институции и со одговорност. И затоа толку силно одѕвонува реченицата на Киро Глигоров: „Македонија е сѐ што имаме“. Тоа не е само наслов на книга. Тоа е и мерка на политичка зрелост, рече Филипче.
Притоа, Филипче подвлече дека вистинската државотворност се покажува во најтешките моменти, потсетувајќи на улогата на СДСМ во 2001 година и потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.
-Во 2001 година, кога државата беше на работ на бездна, СДСМ беше дел од владата на национално единство и еден од потписниците на Охридскиот рамковен договор. Вистинската државотворност не е да навиваш од безбедна далечина, туку да носиш одлуки и одговорност кога цената е највисока. По конфликтот, одговорноста продолжи и во 2002 година, а во 2005 Македонија го доби кандидатскиот статус за членство во Европската Унија. Тоа не беше подарок, тоа беше силна порака дека мирот, демократијата и европската иднина не се одделни приказни, туку една иста државна и историска задача. Кога сме биле најдобри, сме биле разумни. Кога сме биле најразумни, сме биле и најевропски, рече Филипче.
На свечената седница Филипче се осврна и на поновите политички и храбри одлуки на СДСМ, потенцирајќи го членството во НАТО.
-По политичката криза, по Пржино, по изборите во 2016, во 2017 СДСМ повторно ја презеде одговорноста да ја извади државата од блокада. Дојдоа најтешките државни одлуки: Преспанскиот договор, влезот во НАТО во 2020, па стартот на пристапните преговори со ЕУ во 2022. Околу тие одлуки ќе има расправи и утре, и задутре, и уште долго. Бевме соочени, и се уште сме, со најтешките клевети и партиски пропаганди за велепредавства, за измислена распродажба на државни и национални интереси, наводно загрозени идентитет, јазик и историја. Но, фактите остануваат, тие не можат да се избришат и покрај жестоките пропаганди и манипулации: Ништо не е изгубено, напротив, идентитетот, јазикот, културата историјата се заштитени. Потпишан е договор со ЕУ на македонски јазик, државата стана побезбедна, рече Филипче.
Деск
Previous ArticleНА МАТЕРИЈАЛИ СО КОИ БИЛЕ ОБВИТКАНИ СОЅИДАНИТЕ ПАРИ БИЛЕ ПРОНАЈДЕНИ ДНК ТРАГИ ОД СУДИЈАТА РИСТОВ
Next Article ВАНЧО ПЕТРУШЕВСКИ, АКТЕРОТ КОЈ ОСТАВИ ТРАЕН БЕЛЕГ

