-Секое ново контролирано движење на Лилјана, секој обид сама да се храни и да може посамостојно да функционира ни е благослов, а напредокот е очигледен и ни предизвикува солзи радосници, за ВИКИМЕДИА вели Наталија Коцева, мајката на 12-годишната Лилјана, која периодов е на рехабилитација во Турција.
Храброто девојче од Неготино зад себе има низа на сложени операции, со цел да се подобри мобилноста, а за последната операција, која беше изведена во Турција кон крајот на минатата година, се сплоти цела заедница, и со помош на донации се собра потребната сума.

-И сега, додека сме на рехабилитација во Роматен Ускудар во Турција, престојот е покриен со средставта од донациите на хуманите граѓани. Персоналот е исклучително професионален, љубезен и секогаш посветен. Докторите и физијатрите навистина се грижат за мојата ќерка и даваат максимум за таа секој ден да напредува сè повеќе и повеќе. Се чувствува нивната посветеност, трпение и искрена желба да помогнат.
На почетокот Лиле имаше страв, но благодарение на нивниот пристап и поддршка, сега со нетрпение чека да дојде утрото за да одиме на робот-терапија. Благодарение на нивната работа, гледаме значителен напредок и сме многу благодарни. Топло го препорачуваме овој центар на сите на кои им е потребна ваква грижа. Лилјана има напредок, има подобра контрола и стабилност, а и рацете ги користи повеќе од претходно. Освен физикална со неа работи и дефектолог и помага и ја подучува како да ги користи рацете за да јади, да вежба…
Реагира многу подобро, повеќе е вклучена и соработува со терапиите. Секојдневно се гледа мал, но значаен напредок, што многу нè радува. Ги тресеше нозете, но сега помалку ги треси, бидејќи убаво ја вежбаат и е ослободена, ни раскажа мајката на Лилјана.
В.К.

