Регионот Повардарие се промовира како атрактивна туристичка дестинација за домашните и странските тур-оператори, беше истакнато на настан на кој учествуваа претставници од општините од регионот.
Градоначалничката на Општина Неготино, Марија Нацева, соопшти дека по повеќе од две години заедничка работа меѓу општинските тимови, постигнат е договор за меѓуопштинска соработка чија цел е Повардарие да се препознае и позиционира како значајна туристичка понуда на мапата на Македонија.
„Со заеднички напори на општините успеавме да воспоставиме рамка за соработка со која ќе работиме на заедничка промоција на регионот и неговите потенцијали,“ истакна Нацева.
Во рамки на проектот „ЕУ за општините“, со финансиска поддршка од Европската Унија, изработена е и функционална веб-страница povardarie.mk, која ќе служи како централна платформа за промоција на регионот.
Како што беше нагласено, веб-страницата има за цел да придонесе кон подолго задржување на транзитните туристи, но и кон привлекување нови посетители во регионот.
Претставниците на општините заеднички го промовираа досега сработеното, при што беше истакната заложбата за продолжување на координираната соработка со цел зголемување на видливоста и туристичката препознатливост на Повардарие.
В.К.

