Музичките великани Маја Оџаклиевска и Драган Мијалковски блеснаа во Белград, на јубилејното 65-то издание на фестивалот Белградска пролет кој се одржа во МТС Дворана.
Со своите настапи тие внесоа емоција, енергија и автентичен музички израз на сцената и покажаа дека домашната музичка сцена има што да понуди и надвор од границите, оставајќи силен белег на ова јубилејно издание. Присуството на Маја и Драган беше потсетник на златните времиња на фестивалската музика и на значајниот придонес на македонските артисти во историјата на Београдска пролет.
Исто така, на фестивалот настапија и Даниел Кајмакоски и Ана Петан (Петановска) како дел од изведувачите од поновите генерации.

Централниот дел од настанот беше доделувањето награди на уметниците што оставиле силен белег во историјата на фестивалот. На сцената се појавија Ладо Лесковар, Жарко Данчо, Нада Павловиќ, Драган Мијалковски, Зоран Лековиќ, Маја Оџаклиевска, Борис Бизетиќ, Радмила Караклајиќ и Лео Мартин.
Наградите имаа посебна симболика – беа изработени од материјал од покривот на некогашниот Дом на синдикати, едно од најзначајните места за музички настани во Белград. Сите добитници ја добија и монографијата „Април во Белград“ од Бранко Кланшчек.
Јубилејниот фестивал беше посветен на великаните на музичката сцена, кои со децении го градеа неговиот углед и традиција.
Б.Н.
Фото: Фестивал Београдско пролеќе

