-Се враќав дома и видов дека пред зграда има многу народ… Мислев дека се работи за сообраќајка или нешто друго. Но, бидејќи ги слушнав на работа вонредните вести, срце ми кажуваше дека се работи за моето дете, имав едно мајчинско чувство дека се работи за Сашко. Слушав на радио, кажаа дека е лош случај, но името не го кажаа, немавме никакви вести. Јас имав толку лошо претчувство. Заминав на преглед на лекар, а кога се враќавме, минувавме покрај автобуската станица каде седеа луѓе. Ги слушнав како зборуваат, оваа ли му е мајка, и тука веќе ми се пресекоа нозете. Знаев дека тоа кое го слушнав на вестите е вистина и дека се работи за нас. Преку пат ме пречекаа кумата, луѓе… Сашко го нема повеќе…, така раскажуваше мајката на Сашко Гешовски (1971-1991), првата жртва од Македонија во воените судир кои избиле во 1991 година во СФРЈ.

Тој беше застрелан на денешен ден додека чувал стража во касарната во Сплит за време на демонстрациите на поддржувачите на независноста на Хрватска.
Сведоштвото на неговите родители беше видео документирано и објавено на Јутјуб на каналот на Божана Кимовска.
Роден и израснат во Кавадарци, по завршувањето на средното училиште Сашко замина на отслужување на воениот рок во Сплит.
На 6-ти мај 1991 година во него пукал маскиран припадник на МУП на Република Хрватска и со четири куршуми смртно го погодил младиот кавадарчанец. Во критичниот момент Сашко бил на задача пред зградата на Воено поморската област во Сплит.

По неговото загинување започна распаѓањето на Југославија во 1991 година. На 7-ми мај 1991 година во Кавадарци во негова чест се одржа голем протестен митинг каде учествуваше речиси целото население од градот и околните места, за да го искажат својот револт и тага за смртта на својот сограѓанин.
Телото му беше пренесено со воен хеликоптер во родниот град и на неговиот погреб присуствуваа повеќе од 20.000 граѓани, дојдени од сите краеви на Југославија, а во Кавадарци беше прогласена и тридневна жалост. Со смртта на Сашко започна ужасот на војната во Југославија. Во конфликтите во СФРЈ загинаа околу 40 македонски војници кои беа во редовите на ЈНА.
И по 35 години, Сашко останува непребол на Кавадарци. До денес остана неразјаснето кој го уби младото момче и неговото семејство не дочека правда.
В.К.

