Премиерот Христијан Мицкоски на Регионалната министерска конференција за справување со демографските промени и градење отпорност, изјави дека новата Стратегија за демографска отпорност 2026–2046 претставува клучен стратешки документ кој треба да ја дефинира долгорочната насока на државата во справувањето со демографските предизвици.
Според Мицкоски, документот е национална рамка која има за цел да одговори на трендовите на намалување на населението, нискиот наталитет и иселувањето на младите, кои во последните години се идентификувани како едни од најсериозните структурни проблеми во земјата.
-И ќе завршам со една реченица којашто ја кажав вчера на состанокот којшто го имавме во Владата, конечно треба сите ние да си го поставиме прашањето дека што можеме ние да направиме за татковината, а не татковината за нас.
Не можеме ние континуирано да го трошиме системот, не можеме континуирано да го злоупотребуваме системот и да бараме тој ист систем да ни враќа со најдобри политики, со најдобри услуги. Мораме да сме свесни дека системот сме ние, и каков систем ќе изградиме, така тој систем нас ќе ни врати.
Не можеме да бараме времена работа некаде во некои туристички земји, да контрибуираме во таа локална економија неколку месеци во годината и да плаќаме таму даноци, а да бараме од нашиот здравствен систем овдека бесплатно здравствено осигурување и да живееме со критика кон тој истиот систем којшто ние истите го измачуваме и го истрошуваме.
Не можеме ние да пишуваме прекувремени работни саати коишто не сме ги заслужиле и да го трошиме тој ист буџет којшто треба да го финансира тој систем, којшто на нас треба да ни врати.
Тоа не е фер. Треба да контрибуираме во домашната економија и да го градиме домашниот систем, ако сакаме истиот тој систем да ни врати. Ако не, ќе се соочиме со оваа болна и тажна реалност.
Затоа мојата порака до младите, коишто мислат дека неколку месеци некаде во некоја туристичка дестинација се доволни за да сонуваат за својата иднина, е дека грешат. Дома треба да сонуваме и да ја градиме нашата заедничка иднина, во нашата заедничка татковина. Колку посилно сонуваме и колку посилно работиме дома, толку посилен систем ќе имаме.
Немојте да контрибуирате некаде надвор, во некои туѓи економии. Дома се гради иднината на вашата татковина, порача Мицкоски.
Тој нагласи дека стратегијата предвидува сеопфатен пристап, кој опфаќа политики во повеќе области, вклучувајќи ја поддршката за семејствата, унапредувањето на здравствениот и образовниот систем, како и мерки за економски развој и создавање подобри услови за живот и работа во сите региони.
„Ова не е документ за една влада или еден мандат, туку рамка за иднината на државата во следните две децении,“ истакна премиерот, додавајќи дека демографската стабилност е предуслов за економски и општествен развој.
Стратегијата 2026–2046 е дел од пошироките државни политики насочени кон долгорочно планирање и одржлив развој, при што владата очекува таа да биде основа за низа конкретни мерки и акциски планови во наредниот период.
Деск
НЕМОЈТЕ ДА КОНТРИБУИРАТЕ НАДВОР, ВО ТУЃИ ЕКОНОМИИ, ДОМА СЕ ГРАДИ ИДНИНАТА НА ТАТКОВИНАТА, ИМ ПОРАЧА МИЦКОСКИ НА МЛАДИТЕ
3 Mins Read

