СВР-Велес, денот на македонската полиција 7 Мај, реши да го одбележи со гест на укажување искрена благодарност и восхит на 14-годишниот Илија Гигов од Велес, кој со своја лична постапка покажа дека најважни одлики во животот на еден човек се чесноста, одговорноста и добрината.
Пред неколку денa, овој мал јунак со големо срце одржа лекција како за своите врсници, така и за возрасните. Имено, движејќи се кон училиште, Илија пронајде банкарска книшка и 23 банкноти од по 2000 денари.
Без размислување веднаш ги известил своите родители, пронајдените средства ги пријавија во полиција и истите веднаш беа вратени на сопственикот.
Илија со само 14 години со својата хуманост и добронамерност покажа високо ниво на морални вредности вредни за почит и благодарност. Неговата постапка претставува светол пример и инспирација за сите нас.
Исто така, на одбележувањето на 7 Мај – Денот на македонската полиција, беа прогласени најдобрите полициски службеници од осумте сектори за внатрешни работи и четирите регионални центри.
Од страна на Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и Директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев, Благодарница за најдобар полициски службеник од СВР Велес, му беше врачена на Ристе Апочов, дежурен полициски службеник во полициска станица од општа належност Велес.
Деск

