Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) ја следи актуелната меѓународна епидемиолошка ситуација поврзана со пријавен кластер на случаи на инфекција со хантавирус поврзани со патување на крузерот MV Hondius во регионот на јужниот Атлантски Океан.
Според податоците објавени од Светската здравствена организација (WHO), Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC) и националните здравствени институции, досега се регистрирани осум потврдени и сомнителни случаи кај патници и членови на екипажот, при што три завршиле со смртен исход. Истражувањата се во тек, а меѓународните здравствени институции спроведуваат координирана анализа за утврдување на изворот на инфекцијата и можниот начин на изложеност.
Првичните сознанија укажуваат дека изложеноста најверојатно е поврзана со престој во средини каде природно се присутни глодари – кои претставуваат главен резервоар на хантавирусите. Се врши дополнителна лабораториска анализа за прецизно утврдување на типот на вирусот и факторите што придонеле за појавата на кластерот.
ИЈЗ информира дека во овој момент во Македонија нема регистрирани случаи поврзани со настанот, ниту заболени патници или контакти, и не постојат индикации за ризик по јавното здравје во земјата.
Хантавирусите се група зоонозни вируси кои се пренесуваат од глодари на луѓе, најчесто преку вдишување на аеросоли контаминирани со излачевини од инфицирани животни или преку директен контакт со контаминирани површини. Пренос од човек на човек е исклучително редок и е опишан само кај одредени типови на вируси.
Болеста може да варира од лесна фебрилна состојба до тешки форми кои ги зафаќаат бубрезите или белите дробови. Во Европа најчеста е хеморагичната треска со бубрежен синдром, додека во Америка се јавува хантавирусен белодробен синдром, кој има значително повисока смртност.
ИЈЗ потенцира дека нема специфична вакцина или антивирусна терапија, а лекувањето е симптоматско. Превенцијата се заснова на избегнување контакт со глодари и нивните излачевини, особено при престој во ризични средини.
Светската здравствена организација и Европскиот центар за превенција и контрола на болести во моментов не препорачуваат дополнителни рестрикции за патување или трговија, но упатуваат на зголемена внимателност при престој во области со можен ризик од изложеност.
ИЈЗ соопштува дека останува во постојана комуникација со меѓународните здравствени мрежи и ќе ја информира јавноста за сите нови сознанија и проценки на ризик.
Воедно, Одделението за вирусологија при ИЈЗ располага со лабораториски капацитети и реагенси за детекција на хантавируси.
Деск
НЕМА СЛУЧАИ НА ХАНТАВИРУС ВО ЗЕМЈАТА, СЕ СЛЕДИ МЕЃУНАРОДЕН КЛАСТЕР, ВЕЛАТ ОД ИНСТИТУТОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ
2 Mins Read

