На јавната расправа за Предлог-законот за пробација, министерот за правда Игор Филков истакна дека со новото законско решение се прави значаен чекор кон модернизација на системот за извршување на санкции и примена на пробациски мерки во земјата.
Филков нагласи дека целта на реформата е воспоставување поефикасен и поорганизиран пробациски систем кој ќе придонесе за подобра ресоцијализација на осудените лица и поголема заштита на жртвите на кривични дела.
„Со ова законско решение воспоставуваме јасен и модерен пробациски систем кој носи поефикасно извршување на мерките во заедницата, посилна ресоцијализација и повисоко ниво на заштита на жртвите“, изјави министерот.
Со законот се предвидува зајакнување на улогата на пробациската служба, како и проширување на координациските и надзорните надлежности на Управата за извршување на санкциите. Притоа, Секторот за пробација се позиционира како централна институција за стручна реализација на пробациските процеси.
Една од клучните новини е воведувањето на единствен електронски регистар за лицата опфатени со пробациски мерки, кој треба да овозможи подобро следење и институционална координација.
Законот предвидува и воведување проценка на ризик во текот на кривичната постапка, по барање на суд или обвинител, со што се зајакнуваат основите за носење одлуки и примена на алтернативни санкции.
Дополнително, се вградуваат стандарди за заштита на човековите права, вклучително забрана за нечовечко постапување, заштита на лични податоци и доследна примена на презумпцијата на невиност.
Посебен акцент се става на индивидуалниот пристап кон осудените лица преку изработка на персонализирани програми за третман, како и на унапредување на електронскиот надзор, особено кај мерката куќен затвор.
За првпат се воведува и посебна глава за заштита на жртвите на кривични дела, со обврска пробациските служби навремено да информираат и да спречат повторна виктимизација, особено во случаи на семејно и родово базирано насилство.
„Системот станува поорганизиран и подобро поврзан меѓу институциите. Резултатот ќе биде поголема безбедност за граѓаните и поефикасна правда во заедницата“, порача Филков.
Предлог-законот за пробација е дел од пошироките реформски процеси во правосудниот систем, насочени кон усогласување со европските стандарди.
Деск
ПРАВОСУДСТВОТО ВО РЕФОРМА: НОВ КОНЦЕПТ ЗА КАЗНЕНА ПОЛИТИКА И РЕСОЦИЈАЛИЗАЦИЈА НА ОСУДЕНИТЕ
2 Mins Read

