Со удар со чекан во главата и употреба на нож ги убиваше жртвите во центарот на Охрид, во дуќан на улицата Туристичка, а безживотните тела со автомобил ги носел на разни локации надвор од градот.

79 години би требало да има денес озлогласениот сериски убиец во Македонија, Лазе Радески од Охрид, доколку е жив. Последните јавно достапни информации за него датираат од времето кога беше осуден на доживотна затворска казна, во 2009 година, и однесен на издржување на истата во затворот Идризово.
Неговото име денес единствено се спомнува во медиуимите како потсетник на грозоморните дела кои ги извршил од мај 2006 година до април 2008 година на територијата на Општина Охрид.

Жртвите, тројца мажи, дилери на девизи со кои се познавал и во извесен временски период заедно работеле во фабриката „Застава“ во Охрид, ги убил на идентичен начин. Радески ги намамувал жртвите во продавницата „Грини“ под изговор за деловен договор или размена на пари, а потоа ги напаѓал со чекан и нож, повеќепати и брутално, додека не ги лишил од живот.
Животите на уличните продавачи на девизи Раим Ракип, Спиро Ставрески и Трајче Цоцески, сите од Охрид, згаснаа на свиреп начин, а мотивот во сите случаи беше користољубие.
За време на судењето, убиецот Радески беше опишуван како тивок семеен човек, кој работел во дуќанот на својот зет, но во себе носел фрустрација и завист, бидејќи неговите поранешни колеги финансиски напредувале во животот, а тој останал да живее со минимална плата.
Деск

