Легендарниот рок музичар Дадо Топиќ најави нов и несекојдневен проект – улога во рок-опера во која ќе го толкува ликот на Дракула. Станува збор за европска продукција која, според неговите зборови, ќе започне со реализација наесен и ќе понуди модерна сценска адаптација на познатата хорор приказна.
Како што објавија регионалните медиуми, Топиќ открива дека добил покана да ја игра и пее главната улога, нагласувајќи дека проектот ќе биде комбинација од театар, музика и визуелна уметност. Рок-операта ќе се темели на мрачната атмосфера на ликот на Гроф Дракула, но ќе содржи и силни музички сегменти со впечатливи композиции.
„Ќе има убави песни, нема сè да биде страшно“, изјави Топиќ, додавајќи дека пристапот кон приказната ќе биде современ и привлечен за поширока публика. Во свој препознатлив стил, тој се пошегува дека за улогата на Дракула „нема да му треба многу маска“, што предизвика насмевки кај неговите обожаватели.
Освен овој проект, Топиќ останува активен на музичката сцена, со настапи и соработки со познати имиња од регионот. Неговата вклученост во ваква продукција дополнително го потврдува неговиот статус како еден од највлијателните рок уметници на поранешните југословенски простори.
Б.Н.
Previous ArticleПОСЕБЕН СООБРАЌАЕН РЕЖИМ ДЕНЕС ВО СКОПЈЕ

