Делчево вечерва ќе биде центар на културните случувања во рамки на одбележувањето на 150 години од Разловечкото востание, со свечен концерт на Ансамбл Танец и Воениот оркестар на Армијата.
Настанот започнува во 20 часот на летната сцена, каде со егзирцир на Гардата ќе биде означен почетокот на централната прослава во Делчево. Потоа следува музичкиот дел, кој се очекува да привлече голем број посетители и љубители на традиционалната и воената музика.
Концертот е дел од програмата што изминатиот месец се реализира под мотото „150 години Разловечко востание: Искра за вечна слобода на македонскиот народ“, во која се вклучени сите релевантни локални институции.
Програмата за денешниот ден започнува уште попладне. Од 14 часот на летната сцена ќе се одржи локален базар со рачни изработки и автентични производи од регионот. Во 17 часот, во Спомен-домот АСНОМ, предвидена е промоција на поштенска марка издадена од Македонски пошти по повод јубилејот, по што ќе следува научна трибина со учество на универзитетски професори и историчари.
Организатори на настаните се Општина Делчево и локалните установи, меѓу кои ЈЛБ Илинден Делчево и НУЦК Никола Јонков Вапцаров Делчево, како и образовните институции.
Централната прослава ќе продолжи утре, на 19 мај, во Разловци, каде со почеток во 11 часот ќе се одржи главниот настан, со присуство на државни претставници, гости и граѓани.
Со низа културни, научни и свечени активности, Делчево и Разловци деновиве потсетуваат на историското значење на Разловечкото востание и неговото место во македонската историја.
Деск

