Еден од највлијателните македонски рок состави, Зијан, вечерва ќе настапи на свеченото отворање на Мега шопинг паркот во Гевгелија, настан кој се очекува да привлече голем број посетители и љубители на музиката.
„Така големи, а така ненаметливи“, „можеби и по нивна волја недоволно експонирани во јавност“ – се дел од описите кои со години се поврзуваат со бендот меѓу нивните почитувачи. За Зијан ретко се слуша во јавноста, а интервјуата со членовите се вистинска реткост, што дополнително ја нагласува нивната мистичност и повлеченост од медиумската сцена.
И покрај тоа, зад себе оставаат богато музичко наследство и речиси 45 години присуство на сцената. Иако бендот започнува да твори многу порано, својот прв албум „Низводно“ го снима дури во 1991 година, во периодот на распадот на Југославија, а истиот е издаден од Музичката касетна продукција на МРТ.
Песните „Пушти коси“, „Стамена“, „Кате сваќе“, „Елизабет“, „Град“, „Низводно“, „Денови“ и „Рушиме се“ од првиот албум денес се сметаат за антологиски дела на македонската рок сцена. Со нивното творештво, Зијан постави нови стандарди во македонскиот рок и остави музички дела кои не подлежат на времето.
В.К.
Next Article СЕЛО КАДЕ СЕ КУПУВА БЕЗ ПРОДАВАЧ И НИКОЈ НЕ КРАДЕ!

