Скопското јавно обвинителство отвори истрага против 31-годишен жител на Скопје, осомничен дека под дејство на наркотични супстанци ја предизвикал сообраќајната несреќа на улицата „Пластичарска“, во која животот го загуби 19-годишниот мотоциклист Музафер Фетахи.
Според информациите од Обвинителството, осомничениот управувал патничко возило и при вршење на маневар свртување налево преку двојна полна линија директно го пресекол патот на мотоциклистот, по што дошло до силен судир. Од здобиените тешки повреди, младиот возач на мотоциклот починал на лице место.
По несреќата, кај возачот бил извршен тест за присуство на психоактивни супстанци, при што било утврдено дека бил под дејство на дрога во моментот на несреќата.
Надлежниот јавен обвинител донел наредба за спроведување истражна постапка за кривично дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“. Воедно, до судијата на претходна постапка е доставен предлог за определување мерка притвор, со цел обезбедување на присуството на осомничениот и непречено водење на постапката.
Трагичниот настан предизвика силни реакции во јавноста, отворајќи повторно прашања за безбедноста во сообраќајот и санкционирањето на возачите кои управуваат возила под дејство на алкохол и дрога. На социјалните мрежи со младото момче се простуваат негови блиски, како и од алпинистичкиот клуб Дарданиа, каде Музафер членувал.
Надлежните институции најавуваат темелна истрага за целосно утврдување на сите околности поврзани со несреќата.
Деск

