На јужните падини на островот Хвар, скриено меѓу лозјата и со поглед кон Јадранското Море, се наоѓа малото место Иван Долац – дестинација која деновиве го привлекува вниманието не само поради природната убавина, туку и поради една необична, но инспиративна практика.
Во ова хрватско село, локалните жители продаваат домашни производи – овошје, зеленчук, маслиново масло и вино – без да бидат присутни на штандовите. Производите се изложени пред куќите, а купувачите сами земаат што им е потребно и оставаат пари во означени кутии. Системот функционира исклучиво врз доверба.
Овој едноставен, но ретко виден модел на продажба во модерното време, станува симбол на заедништво и чесност, вредности кои во Иван Долац очигледно сè уште се дел од секојдневието. Туристите, но и локалните посетители, со воодушевување реагираат на ваквиот пристап, кој за многумина е вистинско освежување од динамиката на современиот живот.
Покрај оваа уникатна практика, селото е познато и по своите лозја и производството на квалитетно вино, особено од автохтоната сорта „Плавац мали“. Долги години, жителите на Иван Долац биле насочени кон земјоделството, а туризмот постепено го добива своето место.
Пристапот до селото, пак, е дополнително доживување. До Иван Долац се стигнува преку стариот тунел Питве–Завала, долг околу 1,4 километри, кој претставува вистинска атракција за посетителите.
Во време кога недовербата често доминира во општеството, приказната од Иван Долац потсетува дека чесноста не е исчезната – туку дека сè уште живее, токму таму каде што најмалку се очекува.
Деск

