Од ЈП Лајка информираат за тешкиот случај на куче кое беше одземено од сопственик поради нехумани услови на чување.
Станува збор за кучето Јанез, кое целиот свој живот го поминало затворено во кафез, изложено на малтретирање и неухранетост. Како што посочуваат од претпријатието, ваквиот начин на живот оставил сериозни последици врз неговото физичко и психичко здравје.
По неговото згрижување во прифатилиштето, со ангажман на ветеринарен тим, здравствената состојба на Јанез е значително подобрена. Сепак, кучето останало делумно слепо, а психичките трауми сè уште се присутни.
„И покрај напорите на негувателите, кај него се забележува непредвидливо однесување, што е резултат на преживеаните трауми и слепилото“, информираат од ЈП Лајка.
Од таму апелираат до граѓаните за разбирање и хуманост, нагласувајќи дека на Јанез му е потребен трпелив и посветен сопственик кој ќе може да му помогне постепено да се адаптира и да стекне доверба.
Заинтересираните граѓани кои сакаат да му дадат шанса за подобар живот можат да се обратат во ЈП Лајка, каде ќе добијат детални информации за неговата состојба и потребите.
Од претпријатието порачуваат дека секое животно заслужува втора шанса, а приказната на Јанез е потсетник за одговорноста што ја носи грижата за домашните миленици.
Деск

