Министерката за образование и наука Весна Јаневска уверува дека нема да има отпуштања во образовниот сектор, и покрај континуираниот пад на бројот на ученици во земјава.
Според Јаневска, Владата спроведува конкретни политики со цел да се зачуваат работните места на наставниците, дури и во услови кога демографските трендови се неповолни. Таа посочи дека во изминатите години бројот на ученици е значително намален, а само минатата година во 147 подрачни училишта воопшто не бил запишан ниту еден ученик.
Како дел од мерките, Министерството воведува едносменска настава и продолжен престој во училиштата. Овие активности, како што објасни министерката, ќе овозможат наставниците да имаат дополнителни ангажмани, да исполнат полн фонд на часови и да добиваат целосна плата.
Јаневска истакна дека во реализацијата на овие политики поддршка добиваат од меѓународните партнери UNICEF и World Bank.
Во изјавата, министерката упати и критики кон претходната власт, оценувајќи дека нивните политики придонеле за иселување на младите и намалување на наталитетот. Според неа, токму овие процеси довеле до намалување на бројот на ученици за околу 17.000 во последните седум години.
-Лошите политики на претходната Влада имаат голем удел во намалувањето на бројот на ученици. Кога во претходните 7 години младите требало да планираат и развиваат семејства тука, тие одлучуваа да заминат надвор или да го одложат градењето семејство. Дури и цели оформени семејства ја напуштаа татковината. Во тој период, бројот на учeници е намален за 17.000, тврди Јаневска.
Министерството најавува дека и во наредниот период ќе продолжи со мерки насочени кон стабилизирање на образовниот систем и задржување на наставниот кадар.
Деск
ПОРАДИ ЛОШИТЕ ПОЛИТИКИ НА СДСМ, БРОЈОТ НА УЧЕНИЦИ СЕ НАМАЛИЛ ЗА 17.000, ТВРДИ ЈАНЕВСКА
2 Mins Read

