Во услови кога во земјава во изминатиот период се случија низа сообраќајни незгоди во кои учествуваа електрични тротинети, од потсетуваме на законските обврски што мора да ги почитуваат лицата кои управуваат со овие превозни средства., а кои Министерството за внатрешни работи и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата во повеќе наврати ги објавуваат, со цел информирање на јавноста.
Според прописите, возачите на електрични тротинети смеат да се движат со брзина не поголема од 25 километри на час на велосипедска патека, додека на тротоар или пешачка патека дозволената брзина е најмногу 6 километри на час.
Електричен тротинет може да управува лице кое има наполнето најмалку 14 години. Истовремено, возачот не смее да пренесува други лица за време на управувањето со тротинетот.
Од надлежните институции потсетуваат и на обврската за носење рефлектирачки елек при управување во вечерните часови, со цел поголема видливост и безбедност на учесниците во сообраќајот.
Темата повторно е актуелна поради зголемениот број инциденти и несреќи во кои учествуваат електрични тротинети. Дел од нив завршија со повреди на возачи, пешаци и други учесници во сообраќајот. Дополнителна загриженост предизвикува фактот што овие превозни средства често ги управуваат и деца, кои неретко не ги почитуваат сообраќајните правила или се движат на места каде што тоа не е дозволено.
Јавноста сѐ почесто бара од МВР построго да го регулира и контролира овој сегмент од сообраќајот, преку засилени инспекциски и полициски контроли, санкционирање на прекршителите и поголема едукација за безбедно користење на електричните тротинети.
Од МВР и РСБСП редовно апелираат до сите корисници на електрични тротинети доследно да ги почитуваат законските одредби, бидејќи безбедноста во сообраќајот е заедничка одговорност на сите учесници.
Деск
ТРОТИНЕТИТЕ СЕ ГОЛЕМ БЕЗБЕДНОСЕН ПРЕДИЗВИК НА УЛИЦИТЕ: НЕ СМЕАТ ДА ГИ ВОЗАТ ПОМЛАДИ ОД 14 ГОДИНИ, ДВИЖЕЊЕ САМО НА ТРОТОАР ИЛИ ВЕЛОСИПЕДСКА ПАТЕКА!
2 Mins Read

