Случајот со групата млади лица од Битола кои преку лажен профил намамувале и јавно понижувале граѓани предизвика силни реакции во јавноста, при што се отворија бројни прашања за можни злоупотреби и одговорност, но и прашањето дали во градот има предатори кои преку социјалните мрежи договараат средби со деца.
Откако Министерството за внатрешни работи соопшти дека против шест лица се поднесени кривични пријави за „насилство“, „злоупотреба на лични податоци“, „неовластено снимање“ и „самовластие“, граѓаните на социјалните мрежи бурно реагираат и бараат одговори.
Особено внимание привлече начинот на кој осомничените дејствувале – претставувајќи се како 14-годишно девојче, договарале средби со машки лица, по што ги снимале, навредувале и ги објавувале снимките на интернет, принудувајќи ги да се изјаснуваат како „педофили“.
Во јавноста се поставува клучното прашање: дали меѓу оштетените има лица против кои постојат реални сомнежи или пријави за педофилија, или станува збор за злоупотреба и самоволно „етикетирање“ без докази. Дел од граѓаните бараат институциите да дадат појаснување дали е покрената постапка против некое од лицата кои биле намамени.
Од МВР засега нема официјални дополнителни детали дали се водат постапки против некој од оштетените, но најавуваат целосно расчистување на случајот.
ВИКИМЕДИА побара одговори на прашањата за колку лица станува збор, на која возраст се, но и дали против било кој од нив се води постапка.
-Четири лица од оштетените имаат пријавено во СВР Битола дека биле малтретирани, и целокупниот материјал е во ОЈО. Други информации засега не можеме да споделиме, по насока на ОЈО постапуваме, ни одговори Сања Стаматова, портпарол на СВР Битола, по повод вознемирувачкиот настан.
Случајот отвори поширока дебата за границата меѓу борбата против криминалот и злоупотребата на социјалните мрежи, но предизвика и загриженост помеѓу граѓаните кои бараат одговор на прашањето дали помеѓу нив има предатори кои им ги демнат децата на социјалните мрежи.
Инаку, во голем број развиени земји во светот веќе со години се емитуваат документарни емисии кои ја прикажуваат борбата против сексуалната злоупотреба на деца на интернет. Во нив често учествуваат млади активисти од невладини организации кои, во координација со надлежните институции, се претставуваат како малолетни лица на социјалните мрежи со цел да ги идентификуваат потенцијалните сексуални предатори.
Овие организации користат лажни профили и комуницираат со лица кои покажуваат интерес за воспоставување несоодветен контакт со деца. Кога ќе се соберат доволно докази за сомнително однесување, случаите се пријавуваат до полицијата, која понатаму презема истражни активности во согласност со законските процедури.
Документарните емисии најчесто ја следат целата постапка – од првичниот контакт на интернет, преку собирањето докази, до интервенцијата на полицијата и судските постапки. Целта е да се подигне јавната свест за опасностите што демнат на социјалните мрежи и да се покаже важноста на соработката меѓу граѓанскиот сектор и институциите.
Во повеќе земји токму ваквата соработка меѓу невладините организации и полицијата придонела за откривање и спречување на случаи на сексуална експлоатација на малолетници преку интернет.
Дел од тие емисии се To Catch a Predator, Hansen vs. Predator, Undercover Underage, The Paedophile Hunter и други. Сепак, ваквите активности мора да се спроведуваат во рамки на законот и со тесна координација со органите на прогонот, за да се избегнат злоупотреби и да се обезбеди валидност на собраните докази.
В.К.
Фото: Илустрација

