Поранешниот претседател на државата Стево Пендаровски во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 оцени дека во документите и протоколите потпишани меѓу Северна Македонија и Бугарија не постои експлицитна одредба според која земјата не би можела да стане членка на Европската Унија доколку не се затворат сите историски спорови меѓу двете држави.
Според него, историските прашања не се дел од формалните критериуми за членство во ЕУ и не можат да бидат третирани како официјален услов за влез во Унијата. Пендaровски и во претходни јавни настапи нагласуваше дека европските интеграции треба да се темелат на исполнување на европските стандарди и реформи, а не на толкувања на историски настани и личности.
Тој посочува дека никаде во Договорот за добрососедство од 2017 година не е наведено дека Македонија мора да постигне согласност со Бугарија околу етничкото потекло, националниот идентитет или јазикот за да напредува на европскиот пат.
Пендаровски вели дека не само Бугарија, туку која било земја членка може да постави дополнителни услови во преговорите оти тоа е процес кој трае со години.
Сепак, и покрај тоа што таква формулација не е директно запишана во документите, политичката реалност во рамките на Европската Унија е поинаква. Бугарија како земја членка располага со право на вето и во изминатите години повеќепати го користеше механизмот за блокирање на македонскиот евроинтегративен процес поради несогласувања поврзани со историјата, јазикот и спроведувањето на билатералните договори.
Во јавноста и натаму продолжуваат дебатите околу тоа дали историските прашања се фактички вклучени во преговарачката рамка со Европската Унија. Дел од експертите сметаат дека тие не претставуваат формален европски критериум, додека други предупредуваат дека билатералните спорови можат да влијаат врз текот на преговорите преку политички условувања од страна на земјите членки.
Македонија ги започна пристапните преговори со Европската Унија во 2022 година, по усвојувањето на т.н. француски предлог, кој предизвика силни политички реакции и различни толкувања околу обврските што произлегуваат од договорите со Бугарија.
Деск
ПЕНДАРОВСКИ: НЕ САМО БУГАРИЈА, БИЛО КОЈА ЗЕМЈА ЧЛЕНКА МОЖЕ ДА ПОСТАВИ ДОПОЛНИТЕЛНИ УСЛОВИ
2 Mins Read

