Македонскиот игран филм „Скејтбордингот не е за девојчиња“, во режија на Дина Дума, ќе ја има својата светска премиера на престижниот филмски фестивал „Трибека“ во Њујорк, кој годинава ќе се одржи од 3 до 14 јуни.
Филмот е селектиран во категоријата „International Narrative Competition“, главната меѓународна натпреварувачка програма на фестивалот, каде што ќе биде претставен пред светската филмска јавност, професионалците од индустријата и публиката во Њујорк.
„Скејтбордингот не е за девојчиња“ ја следи приказната на Адела, инспирирана од сцена забележана во Шуто Оризари, Скопје – девојче кое вози скејтборд облечено во традиционални шалвари. Овој впечатлив визуелен мотив ја отсликува тензијата меѓу слободата и традицијата, која е една од централните теми на филмот.
Филмот е во продукција на „Сестри и брат Митевски“, со продуцентката Лабина Митевска, а е реализиран како копродукција меѓу Северна Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска.
Ова е втор игран филм на Дина Дума. Нејзиниот првенец “Сестри” беше достапен на најголемата платформа за филмови Нетфликс.
Од Министерството за култура и туризам посочуваат дека учеството на филмот во официјалната натпреварувачка програма на еден од најзначајните светски филмски фестивали претставува значаен успех за македонската кинематографија и уште една потврда за нејзината меѓународна видливост и квалитет.
Деск

