-Сејда не ја запознав на настап, туку пред влезот на една кафеана во која настапував, во Сараево. Таму работеше нејзината мајка како готвачка, и таа не запозна. Таа не беше девојка која излегуваше по кафеани. Се забавувавме шест месеци, и знаев дека е вистинската, па се венчавме. Имавме тешки периоди во животот, но ги надминавме заедно. Имаме само едно дете, бидејќи Сејда се соочуваше со здравствен проблем кој се реши со операција, но останаа последиците. Жал ми е што некои мигови не ги почувствував и одживеав како што треба, бидејќи често патував и без отсутен од домот, но секогаш се трудев на Сејда и на синот ништо да не им недостига – така раскажуваше легендарниот пејач Халид Бешлиќ (1953-2025) за животот со сопругата Сејда, која почина вчера, по седум месеци од неговата смрт.
Заедно поминаа повеќе од четири децении, и таа беше неговата најголема поддршка во животот и кариерата.
-Кога се венчавме, Сејда работеше во фабрика за чоколада, а јас бев на почеток на кариерата, штотуку ја снимив првата песна. И тогаш таа донесе голема одлука, ја напушти работата и целосно се посвети на семејството и домот, за јас да можам да ја градам музичката кариера. Сејда е темелот на нашето семејство, и само смртта може да не раздели, кажа Халид во едно од последните интервјуа, една година пред да почине.
Халид и Сејда беа познати по својата скромност и човечност, и покрај огромната популарност која тој ја стекна. На Босна, но и на целиот регион му остави ризница од евергрини за сите генерации. Последната снимена песна ,,Сејда” беше негова емотивна посвета на сопругата.
Последното гостување на Бешлиќ во Македонија беше во септември 2023 година, во Кавадарци на манифестацијата Тиквешки гроздобер. Тогаш кажа дека не е добар со здравјето и мора добро да внимава на себе.
В.К.

