На Универзитетската клиника за детски болести официјално е отворен Центар за менаџирање и третман на обезност, односно дебелина кај децата.
Отворањето на Центарот доаѓа како одговор на загрижувачките податоци на Институтот за јавно здравје и Клиниката за детски болести, според кои повеќе од 30 проценти од децата на возраст од шест до девет години во земјава имаат зголемена телесна тежина, додека речиси 14 проценти се соочуваат со екстремна дебелина.
Министерот Алиу истакна дека детската дебелина претставува сериозен здравствен предизвик кој бара навремена и стручна интервенција.
„Отворањето на овој центар претставува исклучително важен и долгоочекуван чекор во нашиот здравствен систем. Детската дебелина не е само естетски или нутриционистички проблем, туку комплексна состојба која бара ран и мултидисциплинарен пристап“, изјави Алиу.
Во Центарот ќе работи тим составен од педијатри-ендокринолози, нутриционисти, психолози и физијатри, кои заеднички ќе ги следат и лекуваат децата со проблеми поврзани со дебелината, во соработка со нивните семејства.
Пристапот до услугите ќе се реализира преку системот „Мој Термин“. Матичните лекари и педијатри ќе можат да упатуваат пациенти на Одделот за ендокринологија со молекуларно-генетска дијагностика, во чиј состав функционира новиот Центар. Таму ќе се вршат детални молекуларно-генетски, хормонални и метаболички испитувања со цел утврдување на причините за дебелината и изработка на индивидуализиран план за лекување.
Од Министерството за здравство посочуваат дека навременото препознавање и лекување на дебелината кај децата е клучно за спречување на сериозни здравствени компликации во подоцнежниот живот, меѓу кои дијабетес тип 2, кардиоваскуларни заболувања, висок крвен притисок, ортопедски нарушувања, како и психолошки проблеми, социјална изолација и стигматизација.
Со отворањето на Центарот, здравствените власти очекуваат подобрување на раната дијагностика и третманот на детската дебелина, како и подигнување на свеста за важноста на здравите животни навики кај најмладите.
Деск
ЗДРАВСТВОТО СО НОВА МЕРКА ПРОТИВ ДЕБЕЛИНАТА КАЈ ДЕЦАТА: ПУШТЕН ВО УПОТРЕБА ЦЕНТАРОТ ЗА ЛЕКУВАЊЕ ОБЕЗНОСТ
2 Mins Read
Previous ArticleПОЧИНА СЕЈДА, ЖЕНАТА ШТО СТОЕШЕ ЗАД ЛЕГЕНДАТА ХАЛИД БЕШЛИЌ

