Astrid & The Scandals е алтернативен музички бенд од Словенија, предводен од кантавторката Астрид Кљун (30), кој редовно настапува и ја претставува својата музика низ Европа, а пред две години одржа впечатлив настап и во Скопје. Со Астрид, која е фронтвокалистка и менаџерка на групата „Astrid & The Scandals“, и која настапува и како постојан дел од колективот „Wine Night Only“, како кабаре изведувачка, разговаравме за нејзните впечатоци од Скопје, за тоа како е да се биде дел од алтернативната сцена, за ппредизвиците кои ги носи нејзината професија. Инаку, таа за себе со гордост вели дека најпрво е мајка, а покрај тоа и продуцент, режисер и музичар.

ВИКИМЕДИА: Секој град носи своја посебна енергија. Каква енергија добивте од Скопје кога настапувавте таму?
АСТРИД: Во Скопје го имав најдобриот соло настап во мојот живот. Мислам дека го избрав најдобриот аутфит и навистина свирев за луѓето. Просторот за концертот ми беше малку смешен, но на крајот тоа беше мојот најдобар настап. Немав време навистина да го видам целиот град, но ќе се вратам и тогаш ќе прошетам. Од Скопје патував за Приштина, каде што уште подобро ја почувствував енергијата на местото и бев навистина воодушевена.
ВИКИМЕДИА: Дали се гледате повторно на сцена во Скопје во блиска иднина, можеби во некој кабаре формат?
АСТРИД: Признавам дека и во најтемните моменти од мојот живот секогаш се гледам на сцена. Тоа е мојата светлина на крајот од тунелот. Дали таа сцена ќе биде во Скопје, ќе видиме. Но во секој случај навистина сакам да настапувам со бендот насекаде.
ВИКИМЕДИА: Која е најголемата заблуда поврзана со вашата професија и уметност?
АСТРИД: Има многу такви работи. Луѓето често не разбираат нешто сè додека самите не се најдат во слична ситуација. Но ако зборувам за себе, не разбирав колку енергија, пари, вера и сила се потребни за еден уметник да стигне од точка А до точка Б. Кога ќе го објавите првиот сингл, дури тогаш почнува вистинската работа. Само мал број луѓе успеваат со првата песна, а во повеќето случаи се потребни години за нешто да се случи.
ВИКИМЕДИА: Каков совет би ѝ дала денешната Астрид на младата Астрид?
АСТРИД: Не пеј во кафани. Не прифаќај секоја работа. Вежбај, вежбај и вежбај. Свири бас-гитара, не сакаш харфи. Оддалечи се од луѓето кои не се добри кон тебе и не се враќај назад. Не манифестирај пари, манифестирај сцена, манифестирај свет. Има многу работи што би си ги кажала, но не можеме да се вратиме назад и повторно да го живееме животот. 
ВИКИМЕДИА: Како би изгледал вашиот настап од соништата без никакви ограничувања?
АСТРИД: Многу ми се допаѓа ова прашање. Ако нема ограничувања, сцената е огромна, театрална, кабаре и оперска во исто време. Настапуваме во арена пред 90.000 луѓе. Има танчери, прекрасни костими, мојот бенд и јас. Концертот трае три часа. Влезниците се достапни за сите, децата не плаќаат. Никој не снима со телефон, сите само слушаат и пеат. Не постои Инстаграм. Не постојат војни. Само музика.
ВИКИМЕДИА: Како го балансирате техничкото совршенство и емоциите на сцената?
АСТРИД: Се случуваат многу работи, а мојот ADHD навистина не помага. Но ова е одлично прашање. Понекогаш музиката треба да биде и малку несовршена. Ми беше многу тешко да ги балансирам емоциите на сцената и морав да научам како да ги контролирам. Студирав пеење и класична харфа, па ми беа потребни пет до седум години за навистина да се опуштам. Животот е постојано балансирање, а истото важи и за музиката.
ВИКИМЕДИА: Имате ли ритуал пред настап во нов град?
АСТРИД: Да. Секогаш шминка, добар стајлинг, загревање на гласот и штимање на харфата. Понекогаш и плачам. Секогаш дури на сцената се потсетувам дека знам да свирам. Не вежбам многу харфа и на соло настапите често импровизирам, па секогаш мислам дека веќе не знам да свирам. Но кога ќе почне првиот тон, сфаќам дека тоа не е вистина.
ВИКИМЕДИА: Кој проект сè уште не сте го реализирале, а силно сакате?
АСТРИД: Има многу такви проекти. Би сакала да ги реализирам видеоспотовите за песните „Berlin“ и „Seme“. Требаше да бидат дел од трилогија која зборува за животот по смртта. Самата ги продуцирав и режирав. Би сакала и да отворам сопствена продукциска куќа „No Time For Romance“, како и да издадам нови албуми со моите музички проекти.
ВИКИМЕДИА: Што мислите дека публиката најчесто не го разбира во вашата уметност?
АСТРИД: Мислам дека луѓето често не ја забележуваат алтернативната сцена затоа што комерцијалната музика е насекаде. Не ги разбираат ниту концептите во моите текстови. Секој збор е на своето место. Но животот денес е многу брз и луѓето немаат време да навлезат подлабоко во уметноста.
ВИКИМЕДИА: Која е најнеобичната работа што ви се случила зад сцената?
АСТРИД: Настапувавме пред Black Eyed Peas на фестивалот Exit и тие ги зазедоа сите простории зад сцената. Немавме свој простор, а надвор беше 44 степени. Настапувавме и пред Joker Out, а нивните обожаватели стоеја свртени на другата страна наместо кон сцената. На сцената сè е необично, но мораш да се однесуваш како сè да е нормално.
Марија Клинчарова
Фото Приватна на архива на Астрид Кљун

