Марко Маринковиќ-Слаткаристика се откажа од финансиската поддршка од Агенцијата за филм во висина од 24.000 евра, средства наменети за снимање на документарецот „Слушни ме“ на режисерот Радован Петровиќ и „ОХО продукција“.
Филмот нема да биде само биографски портрет на Слаткар, туку е со посебен фокус на предизвиците со кои се соочуваат лицата со говорни и комуникациски потешкотии, но и на силата на музиката како средство за изразување и надминување на бариерите. Сепак, по објавата на веста дека ќе се снима филм за Слаткар со државна поддршка, следеа бројни јавни реакции, по што музичарот соопшти дека филмот сепак ќе се реализира, но без средствата од Агенцијата за филм.
-Деновиве читам секакви коментари и вести. И повторно гледам колку лесно судиме, а половично знаеме или воопшто не знаеме. Сакам една работа да биде јасна… ниту барав, ниту мене ми се доделени пари. Поддршка доби документарен филм и еден многу посветен тим кој веќе две години работи на приказна што преку мојот живот зборува за многу повеќе од мене. И искрено сум благодарен на Комисијата од Агенцијата за филм која ја препозна важноста на оваа тема. Но, не сакам проектот кој зборува за разбирање, прифаќање и поддршка да започне со поделби. Затоа одлучивме филмот да се реализира без средствата доделени од Агенцијата за филм. Продолжуваме понатаму… Заедно со сите наши поддржувачи, соработници и пријатели на кои сум им неизмерно благодарен. И со најважната поддршка од вас луѓето кои ме сакаат, почитуваат и ценат. Светот ќе го чуе гласот на најтивките. Се гледаме на премиера, објави Маринковиќ на Фејсбук.
Од ОХО продукција исто така објавија дека филмот ќе се реализира со независни средства.
В.К.

