Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска на 114. сесија на Меѓународната конференција на трудот во Женева ја потврди посветеноста на Владата на реформите на пазарот на трудот, модернизацијата на трудовото законодавство и зајакнувањето на социјалниот дијалог.
Во своето обраќање, Дурмиши истакна дека светот на трудот се соочува со значајни промени предизвикани од демографските трендови, технолошкиот развој, вештачката интелигенција, климатските предизвици и геополитичките случувања, кои истовремено отвораат нови можности, но и создаваат нови ризици за работниците и економиите.
Тој нагласи дека Владата останува фокусирана на креирање економија што обезбедува квалитетни работни места, достоинствени услови за работа и подобар животен стандард за граѓаните.
„Нашата задача како носители на политики е да обезбедиме никој да не биде изоставен. Затоа Владата останува посветена на создавање економија која генерира квалитетни работни места, обезбедува достоинствени услови за работа и гарантира подобар животен стандард за сите граѓани“, порача министерот.
Според него, активните мерки за вработување и натаму ќе бидат меѓу приоритетите на Владата, а паралелно се работи и на сеопфатна реформа на трудовото законодавство со цел создавање современа и европска правна рамка.
„Нашата цел е да создадеме модерен и европски правен систем кој ќе ги заштити работничките права, ќе го унапреди колективното договарање и ќе обезбеди безбедни и здрави услови за работа“, истакна Дурмиши.
Во обраќањето беше нагласена и посветеноста на државата кон меѓународните трудови стандарди. Министерот потсети дека Северна Македонија е меѓу ретките земји што ги имаат ратификувано сите конвенции на Меѓународната организација на трудот поврзани со слободата на здружување и колективното договарање.
Дурмиши посебно ја истакна важноста на социјалниот дијалог, оценувајќи дека ниту една успешна реформа не може да се реализира без активно учество на работниците, работодавачите и институциите.
Тој најави и скоро потпишување на новата Програма за достоинствена работа за периодот 2026–2030 година, која треба да придонесе за создавање повеќе и подобри работни места и понатамошно усогласување со европските стандарди.
На крајот од обраќањето, министерот изрази благодарност до Меѓународната организација на трудот за долгогодишната поддршка и партнерство, нагласувајќи дека Северна Македонија ќе продолжи активно да придонесува во изградбата на поправеден, поинклузивен и подостоинствен свет на трудот.
Деск
ДОСТОИНСТВЕНИ УСЛОВИ И КВАЛИТЕТНИ РАБОТНИ МЕСТА СЕ ПРИОРИТЕТ НА ВЛАДАТА, КАЖА ДУРМИШИ ВО ЖЕНЕВА
2 Mins Read
Previous ArticleПОВРЕДЕНА УЧЕНИЧКА, ЈА НАПАДНАЛ ПРОФЕСОР ВО УЧИЛНИЦА!

