Премиерот Христијан Мицкоски изрази задоволство од средбите со Емануел Макрон и Фридрих Мерц, одржани во рамки на самитот во Тиват, оценувајќи дека процесот на проширување на Европска Унија останува активен и дека земјите членки сѐ повеќе ја разбираат македонската позиција во евроинтегративниот процес.
Според Мицкоски, разговорите со европските лидери биле конструктивни и претставувале можност за директно претставување на ставовите на државата во однос на предизвиците поврзани со пристапните преговори.
„Процесот на проширување е жив и постои разбирање кај голем дел од земјите членки за аргументите што ги изнесува Македонија“, порача премиерот по средбите.
Тој нагласи дека Владата останува посветена на европскиот пат на државата, но истовремено ќе продолжи да ги брани националните интереси и позициите што ги застапува во разговорите со европските партнери.
Средбите во Тиват се одржаа во период кога прашањето за проширувањето повторно е високо на агендата на Европската Унија, особено во контекст на геополитичките предизвици и зголемениот интерес за интеграција на земјите од Западен Балкан.
Од Владата оценуваат дека директната комуникација со клучните европски лидери придонесува за подобро разбирање на македонските позиции и за одржување на динамиката на евроинтегративниот процес.
Мицкоски истакна дека Македонија ќе продолжи активно да учествува во разговорите со европските партнери, со цел обезбедување напредок на патот кон полноправно членство во Европската Унија.
Деск

