Ајнет беше убиена кукавички, на спиење, и зад себе остави четири деца. Бараме максимална казна за убиецот, порачаа битолчани на Меморијалниот собир кој се одржа вчера, по повод последниот фемицид во градот, убиството на 31-годишната Ајнет Вејсел, кое се случи на 14 мај, во домот на нејзините родители.
Младата жена и мајка беше убиена со десеттина убоди од нож од страна на 33-годишниот битолчанец, со кого била разделена, но иако живеела кај родителите, тој константно ја вознемирувал.
На вчерашниот собир, организиран од страна на Ромската заедница, пред присутните се обрати режисреката Софиа Ристевска, која истакна дека иако имаат тежок живот, Ромите мора да ги праќаат децата на училиште, посебно девојчињата, за да во иднина не зависат од никого, да имаат самостојност и да не бидат доведени во ситуација да трпат насилство и економска зависност од било кого. Родини на жртвата, на социјалните мрежи објавија видеа од собирот и од моќниот говор на Ристевска.
-Ако жената нема своја работа, свои пари, таа тотално ќе зависи од својот сопруг. И ако сопругот е насилник, таа нема како да го избегне тоа насилство, посебно кога се работи за жени кои доаѓаат од вакви ранливи средини. Затоа е многу важно, малите дечиња, да се пуштат на училиште, доброто образование ќе им донесе добра професија. Важно е и женските деца да не се мажат мали, кога се млади немаат сила да му ја проценат личноста на сопругот. Ова е Балкан, и многу често не е одобрувано враќањето на жената од куќата на сопругот кај родителите, има голема стигма и предрасуди.
Има предрасуди и кога станува збор за барање работа, знаеме како живеат Ромски семејства, немаат ни улици, канализации, не можат една кифла да им купат на деца за на училиште, немаат ниту извод од матична книга, како да не постојат. Ова општество има многу голема борба пред себе, за да може Ромската популација да биде еднаква со сите, кажа Ристевска.
Побара ригорозна казна за убиецот на Ајнет, но и за убиството на секоја една жена, бидејќи трагедијата не познава националност.
За трагедијата во Битола, Обвинителството донесе наредба за спроведување истражна постапка против 33-годишниот битолчанец, за кого постои основано сомнение дека извршил кривично дело Убиство при вршење семејно насилство, квалификувано според член 123, став 2, точка 2 од Кривичниот законик.
В.К.

