Од денес, 12 јуни, започнуваат уписите на учениците во јавните средни училишта за учебната 2026/2027 година. И годинава пријавувањето ќе се спроведува по електронски пат преку порталот e-uslugi.mon.gov.mk, каде учениците ќе се најавуваат со своите постојни кориснички сметки од системот schools.mk.
Првото пријавување во јунскиот уписен рок ќе трае од 12 до 15 јуни, додека потребната документација до избраните училишта ќе се доставува на 16 и 17 јуни. Конечните ранг-листи со резултатите од запишувањето, како и информациите за преостанатите слободни места, училиштата треба да ги објават на 18 јуни.
За учениците кои нема да се запишат во првиот рок, предвидено е второ електронско пријавување на 23 јуни, а доставувањето на документацијата ќе се врши на 24 јуни. Третото пријавување е закажано за 20 август.
Министерството за образование и наука го објави конкурсот со бројот на слободни места во јавните средни училишта, кој е достапен на неговата веб-страница.
Како дополнителна помош при изборот на образовен профил и струка, на учениците им е достапен и онлајн водичот за квалификации. Преку оваа платформа тие можат да се информираат за различните образовни насоки, можностите за понатамошно образование и перспективите на пазарот на труд, со цел полесно да донесат одлука за своето идно образование и кариера.
Деск

