Еден од најпопуларните млади музичари на домашната сцена, Пајак, го најави објавувањето на својот прв студиски албум. Веста ја сподели преку социјалните мрежи, каде откри дека албумот со наслов „2000 и некоја“ официјално ќе биде објавен на 17 јуни.
Во емотивната порака до своите следбеници, младиот пејач истакна дека уште од почетокот на својата кариера сонувал за овој момент. Според неговите зборови, албумот претставува збир од моменти и приказни кои оставиле силен белег во неговиот живот и музички развој.
„Од почетокот на мојата кариера сонував за овој момент… Од спомени до музика ‘2000 и некоја’. На 17 јуни го објавувам мојот прв студиски албум, моменти и приказни што оставиле белег. Со нетрпение чекам да го слушнете“, напиша Пајак.
Во изминатите неколку години, Пајак се етаблираше како еден од омилените изведувачи меѓу младата публика, освојувајќи голем број слушатели со својот препознатлив музички стил и низа успешни хитови. Неговите песни редовно бележат висока слушаност на дигиталните платформи, а настапите привлекуваат бројна публика низ земјата и регионот.
Најавата за „2000 и некоја“ предизвика голем интерес кај фановите, кои со нетрпение го очекуваат првиот студиски проект на младиот музичар. Албумот ќе биде достапен од 17 јуни, кога публиката ќе има можност да ги слушне приказните и емоциите кои, како што најавува самиот Пајак, се вткаени во неговото досегашно музичко патување.
Деск

