Собранието во прво читање го усвои Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа, при што 59 пратеници гласаа „за“. Со ова, законското решение продолжува во понатамошна собраниска процедура пред неговото конечно усвојување.
Со предложените измени се предвидува значително заострување на правилата за организирање игри на среќа, вклучувајќи казина, обложувалници и други приредувачи. Една од клучните мерки е воведување ограничување според кое објектите за игри на среќа не смеат да бидат лоцирани на помалку од 500 метри од образовни установи.
Покрај просторните ограничувања, законот предвидува и построги правила за рекламирање, со цел да се намали изложеноста на граѓаните, особено на младите, на промоции поврзани со коцкање. Дополнително се зајакнуваат и механизмите за надзор и контрола на работењето на приредувачите на игри на среќа.
Иако дел од јавноста и политичките дебати го интерпретираат законскиот пакет како чекор кон ограничување на ширењето на кладилниците, во оваа фаза не станува збор за нивна целосна забрана, туку за регулирање на условите за работа и заштита од социјални ризици, особено кај малолетниците.
По првото читање, предлог-законот ќе биде предмет на дополнителни расправи и можни амандмани пред да се најде пред пратениците за конечно гласање.
Деск

