Министерот за транспорт Александар Николоски соопшти дека започнува реализацијата на проектот за изградба на автопатот Скопје – Блаце, кој треба да ја подобри патната поврзаност на Северна Македонија со Косово и понатаму со Црна Гора.
Како што информираше Николоски по работната средба со директорот на канцеларијата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Фатих Туркменоглу, на средбата било разговарано за текот и реализацијата на овој значаен инфраструктурен проект.
Според министерот, изведувач на автопатот ќе биде конзорциум предводен од македонската градежна компанија „Гранит“, при што по подолг временски период домашна компанија ќе има водечка улога во изградбата на автопат од ваков обем.
Николоски оцени дека автопатот Скопје – Блаце претставува витална сообраќајна артерија која ќе овозможи поефикасен транспорт и побезбеден сообраќај, ќе ја подобри регионалната поврзаност и ќе отвори нови можности за економски развој, трговија и инвестиции.
„Со реализацијата на проектот, државата дополнително ќе ја зацврсти својата позиција како важна транзитна и транспортна врска во регионот“, наведува министерот во објавата.
Проектот предвидува изградба на пет тунели, две галерии и 12 мостови, а заедно со останатите придружни инфраструктурни содржини на терен ќе бидат изградени вкупно 40 објекти.
Автопатот Скопје – Блаце е дел од стратешките инфраструктурни проекти насочени кон подобрување на патната мрежа и зајакнување на транспортните врски со соседните земји.
Деск
Previous ArticleТРАГИЧНАТА И ЛЕГЕНДАРНА СУДБИНА НА ДИНА И ЗОРАН РАДМИЛОВИЌ

