-Се сеќавам дека во Скопје тој свиреше на клавир, јас му пријдов и му кажав дека прекрасно свири. Не ме ни примети! Подоцна, кога нашите домаќини од Скопје организираа вечера, сите седевме на големата маса, имаше и пејачи и политичари, актери, но Карло мене не ме ни забележуваше. Дури подоцна, кога по една година ја започнавме врската, тој ми призна дека го запамтил секој детал од таа прва средба во Скопје. Раскажа каков фустан носев, што му реков, до кого седев на масата, па дури и за актерот кој таа вечер ми се додворуваше. Се забележал и запамтил – се сеќаваше музичката дива Јосипа Лисац (76) за почетоците на љубовта со композиторот Карло Метикош (1940 – 1991).
Кога се сретнале во Скопје, во 1970 година, тој бил во врска со Габриела, жена од Етиопија. Но, една година подоцна, кога таа имала 21, а тој 31 години, започнала нивната голема љубов, која е овековечена во култниот албум ,,Дневникот на една љубов” кој беше издаден во 1973 година.
-Кога бев нерасположена, веднаш ќе најдеше начин да ме насмее, беше многу духовит. Тој беше господин, а секогаш во друштво умееше сите да ги расположи, и жените и мажите, сите го обожаваа – истакна таа во интервју за хрватските медиуми.
По дваесет години поминати заедно, се случи трагедијата, кога Карло во 1991 година почина ненадејно во својата 52-ра година од животот. Во негова чест, Лисац секоја година одржуваше концерт на датумот на неговото заминување, и често го спомнува на социјалните мрежи.
-Не може смртта да однесе нешто кое го чувствував толку години. Зарем луѓето можат да се сакаат само ако се гледаат и допираат? Можат ли чувствата да исчезнат ако нешто непланирано им се случи на тој пат? Зарем чувствата, сликите, доживувањата и кажаните зборови умираат и заминуваат? Не, јас ги изговорив, ги доживеав, и уште ги доживувам. Си го чувам минатото во срцето и главата, а сеќавањата ми даваат сила да продолжам понатаму. Мојата болка нема никогаш нема да исчезне, свесна сум дека утре ќе ме боли повеќе од денес, раскажуваше таа.
Пред три години пак, имаше концерт во Скопје како дел од нејзината турнеја по повод 50 години од издавање на албумот ,,Дневникот на една љубов”.
В.К.

