Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во гостување во емисијата „Топ Тема“ на ТВ Телма, ги претстави следните чекори на државата во областа на вештачката интелигенција, дигиталната трансформација и заштитата на македонскиот јазик во дигиталниот простор.
Во текот на гостувањето, Андоновски најави дека следната недела ќе биде промовиран првиот македонски центар за вештачка интелигенција „Везилка“, кој ќе има клучна улога во развојот на македонски јазичен модел и создавањето национална дигитална база на податоци. Според него, проектот има за цел да обезбеди поголема застапеност на македонскиот јазик, култура и идентитет во современите технолошки решенија.
„Везилка“ е насочена кон дигитализација на македонскиот јазичен корпус и развој на голем јазичен модел што ќе може да го користат институциите, академската заедница, компаниите и граѓаните. Со тоа, како што истакна министерот, ќе се намали зависноста од странски алатки кои не секогаш го препознаваат доволно прецизно македонскиот јазичен, историски и културен контекст.
Тој нагласи дека проектот претставува основа за развој на домашни решенија базирани на вештачка интелигенција, со примена во јавната администрација, образованието, науката, енергетиката, економијата и други области од јавен интерес.
Во рамки на проектот, Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) веќе воспоставил соработка со повеќе релевантни институции, меѓу кои Службен весник, Собранието, Националната и универзитетска библиотека, Македонската академија на науките и уметностите, како и институтите за македонски јазик и литература. Преку оваа соработка ќе се обезбеди квалитетна база на податоци составена од законски и подзаконски акти, стручна литература и други релевантни содржини на македонски јазик.
Андоновски најави дека и граѓаните ќе можат активно да придонесат во проектот преку доставување дигитализирана литература, магистерски, докторски и стручни трудови, со што дополнително ќе се збогатува македонскиот дигитален јазичен корпус.
Во емисијата беше посочено и дека Министерството за дигитална трансформација работи на подготовка на закон за вештачка интелигенција, кој ќе постави јасни етички стандарди, правила за транспарентност и рамка за одговорна примена на новите технологии, без да го ограничува нивниот развој.
Вкупната вредност на проектот „Везилка“ изнесува 6,5 милиони евра. Од нив, 1,5 милиони евра се обезбедени од државниот буџет, 1 милион евра од факултетите, додека преостанатите средства се обезбедени со поддршка од Европската Унија.
Според најавите, до крајот на оваа или почетокот на следната година Македонија треба да добие функционален македонски јазичен модел, кој ќе биде достапен како open-source решение за институциите, компаниите и пошироката јавност.
Осврнувајќи се на Реформската агенда, министерот истакна дека со исполнувањето на предвидените обврски во јуни се отвора можност за повлекување дополнителни 16,9 милиони евра од Планот за раст, средства кои ќе бидат насочени кон понатамошна дигитална модернизација и реформи.
Деск
ПРОЕКТ ВРЕДЕН 6,5 МИЛИОНИ ЕВРА: СЕ ГРАДАТ ТЕМЕЛИТЕ НА МАКЕДОНСКАТА ВЕШТАЧКА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА
3 Mins Read
Previous ArticleАВТОМОБИЛСКИ ГИГАНТ СТАРТУВА ПРОИЗВОДСТВО ВО ТЕТОВО – СЕ ОТВОРААТ 550 НОВИ РАБОТНИ МЕСТА!
Next Article МАКЕДОНИЈА И АЛБАНИЈА СО ЗАЕДНИЧКА ГРАНИЧНА КОНТРОЛА

