Турската компанија CAVO Otomotiv започнува нова инвестиција во Технолошко-индустриската развојна зона (ТИРЗ) Тетово, со која се очекува значаен економски импулс за земјата, соопшти Министерството за економија и труд.
Инвестицијата, чија вредност е проценета на околу 21 милион евра, ќе овозможи отворање на приближно 550 нови работни места и дополнително зајакнување на автомобилската индустрија како еден од клучните извозно ориентирани сектори.
Проектот предвидува дел од производствените капацитети на компанијата, кои моментално се наоѓаат во Турција и Словачка, да бидат префрлени во Македонија, што се оценува како потврда за зголемената доверба на странските инвеститори во домашната деловна клима.
ТИРЗ Тетово, која функционира како модел на јавно-приватно партнерство, се истакнува како еден од најважните индустриски центри во земјата. Во текот на 2025 година, компаниите во зоната реализирале производство во вредност од над 6,4 милијарди денари, извоз од речиси 9 милијарди денари и обезбедиле 1.845 работни места.
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши изјави дека инвестицијата претставува уште една потврда за подобрување на инвестициската клима во земјата и дека Владата останува посветена на привлекување нови странски вложувања.
„Оваа инвестиција е јасен сигнал дека Северна Македонија станува сѐ попривлечна дестинација за современи технологии и квалитетни работни места“, истакна Дурмиши, додавајќи дека новите 550 вработувања ќе придонесат за професионален развој и повисок животен стандард.
Со оваа инвестиција, Тетово и ТИРЗ зоната дополнително се позиционираат како значаен индустриски и извозен центар, со потенцијал за понатамошен економски раст и развој на автомобилската индустрија во земјата.
Деск

