Претседателот на Владата Христијан Мицкоски изјави дека во изминатите две години државата вратила околу 4,6 милијарди евра стари долгови, при што, како што нагласи, јавниот долг е намален како процент од бруто домашниот производ (БДП).
Во интервјуто за емисијата „Каде се парите“, Мицкоски посочи дека буџетот се полни согласно предвидената динамика и дека, според него, економската состојба е постабилна во однос на претходните години.
„Буџетот се полни во динамиката која што е предвидена и ќе се наполни во таа динамика. Имаме јасен преглед на состојбите во институциите“, изјави премиерот, додавајќи дека е во постојана комуникација со Министерството за финансии.
Тој нагласи дека, покрај враќањето на долгови, државата обезбедила и ликвидност, како и дека се справила со, како што рече, една од најголемите енергетски кризи во поновата историја.
Мицкоски се осврна и на динамиката на даночните приходи, истакнувајќи дека наплатата на ДДВ и персоналниот данок се одвива во различни периоди од годината, што, според него, влијае на тековните статистики за реализација на буџетот.
Во однос на критиките од опозицијата, премиерот оцени дека тие доаѓаат од политички и аналитички кругови блиски до СДСМ, кои, според него, реагираат поради актуелните економски резултати.
-Хистеријата која ја рефлектираат во јавноста одредени аналитичари блиски до СДСМ и некои политичари кои ја доведоа Македонија во оваа состојба, кои порано имаа допирна точка со економијата и финансиите, мене не ме загрижуваат, туку ме охрабруваат затоа што таа хистерија е соодветна на луѓе кои го изгубиле тлото под нозете, се во паника и гледаат дека и покрај сите кризи ние успеавме како држава без да очајуваме, без да држиме панични прес-конференции, како што тоа беше случај во соседството, да се справиме на еден мирен начин, да обезбедиме стабилно снабдување на граѓаните и бизнисот со нафта и нафтени деривати, да успееме да обезбедиме стабилно снабдување и за граѓаните на соседните држави. И конечно да дојдам до мојата поента, имајќи го предвид сето она кое го преземавме на почеток намалено ДДВ, потоа намалена акциза и да ги имаме овие наплати, тоа е голем успех, кажа Мицкоски.
Тој додаде и дека државата успеала да обезбеди стабилно снабдување со нафтени деривати за домашниот пазар, како и за дел од соседните земји.
Изјавите на премиерот доаѓаат во период на јавни дебати за состојбата на буџетот, јавниот долг и економските перформанси на државата.
БЕЗ ДА ДРЖИМЕ ПАНИЧНИ ПРЕС КОНФЕРЕНЦИИ, МИРНО ОБЕЗБЕДИВМЕ СТАБИЛНО СНАБДУВАЊЕ СО НАФТА, ВЕЛИ МИЦКОСКИ
2 Mins Read
Previous ArticleНА ДЕНЕШЕН ДЕН ПОЧИНА СТОЈАН АНДОВ, ЕДЕН ОД РЕТКИТЕ ПОЛИТИЧАРИ ВО МАКЕДОНИЈА КОЈ ДАДЕ ОСТАВКА НА ФУНКЦИЈА
Next Article ПЕТАР САРКАЊАЦ ПРЕКУ БЕРКЛИ ДО СУЛИ АН

