Македонската заедница во Полска остана без една од своите најистакнати претставнички. Д-р Емилија Котеска Аврамчева (72) почина во раните утрински часови од последиците на тешка сообраќајна несреќа што се случи на автопатот на влезот во Варшава, соопшти Македонската амбасада во Полска.
Котеска Аврамчева била успешен лекар, менаџер и претприемач, која раководела со приватна поликлиника во градот Жирардов, каде работеле повеќе од 70 лекари. Освен професионалните достигнувања, таа била препознаена и како една од најактивните личности во македонската дијаспора во Полска.
Ќерка на бегалец од Егејска Македонија, д-р Котеска Аврамчева со години била посветена на зачувувањето на врските меѓу Македонците во Полска и татковината. Од Амбасадата ја опишуваат како еден од носечките столбови на македонската заедница, секогаш подготвена да помогне во реализацијата на иницијативи од значење за Македонците во оваа земја.
Нејзината ангажираност била видлива и неодамна, кога меѓу првите донирала средства за изградба на спомен-обележје во Полице – град кој во 1949 година бил собирен центар за децата-бегалци од Граѓанската војна во Грција.
Благодарение на широката мрежа на контакти што ја изградила во Полска, Котеска Аврамчева често посредувала и помагала во активности од интерес за Македонија. Амбасадата потсетува дека одиграла клучна улога во обезбедувањето лекување во Полска за двајца пациенти повредени во трагедијата во Кочани.
Нејзините врски со полските политички и општествени кругови биле на високо ниво. Минатата година помогнала на приемот по повод македонскиот национален празник да присуствува и поранешниот полски премиер Лешек Милер, во чиј мандат Полска стана членка на Европската Унија.
Од Македонската амбасада во Варшава истакнуваат дека таа била редовен учесник на сите настани организирани од дипломатското претставништво и дека секогаш давала поддршка на неговите активности. Неодамна во Амбасадата се сретнала и со претседателката Гордана Силјановска-Давкова.
И покрај нарушеното здравје, д-р Емилија Котеска Аврамчева имала амбициозни планови за иднината, меѓу кои инвестиции во Македонија и отворање нова поликлиника во Варшава.
„За македонската заедница во Полска ова е ненадоместлива загуба“, наведуваат од Амбасадата, оценувајќи дека таа била симбол на поврзаноста и заедништвото меѓу Македонците во оваа голема европска држава.
ПРЕД 10 ДЕНА ПРВА ДОНИРАЛА СРЕДСТВА ЗА ИЗГРАДБА НА СПОМЕНИК ЗА ДЕЦАТА-БЕГАЛЦИ: КОЈА БЕШЕ Д-Р КОТЕВСКА АВРАМЧЕВА?
2 Mins Read
Previous ArticleАЛИ И БОНO: ТИВКА СИЛА ЗАД ГОЛЕМИОТ БЕНД

