Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, оцени дека по две години власт на премиерот Христијан Мицкоски, клучните економски ветувања на Владата не се реализирани, а животниот стандард на граѓаните е влошен.
На прес-конференција, Филипче потсети дека пред изборите Мицкоски ветувал повисок животен стандард, подобри услови за работниците, пониска инфлација, намален буџетски дефицит и поголем прилив на домашни и странски инвестиции, но според него, реалните економски показатели покажуваат поинаква слика.
„Наместо зголемување на странските инвестиции и отворање нови работни места, странските инвестиции се намалени за речиси две третини“, изјави Филипче, додавајќи дека тоа е еден од најсилните показатели за неуспехот на економските политики на Владата.
Тој посочи дека граѓаните денес живеат потешко отколку пред две години, а куповната моќ е намалена поради континуираниот раст на цените.
„Паричниците и фрижидерите се попразни. Наместо подобар стандард, работниците добија поголема сиромаштија“, рече лидерот на СДСМ, наведувајќи дека сиромаштијата е зголемена за 22 проценти.
Филипче ја критикуваше и, како што рече, неспособноста на Владата да ја контролира инфлацијата. Според него, инфлацијата од 4,8 проценти е речиси двојно повисока од нивото што било најавувано во предизборните ветувања, додека цените на храната на годишно ниво бележат раст од околу 10 проценти.
Во своето обраќање тој оцени дека по две години владеење нема видлив развоен циклус, ниту конкретни економски резултати, туку растечки долгови, намалени инвестиции и сè потежок живот за граѓаните. Во претходни настапи Филипче исто така ја обвинуваше Владата за зголемено задолжување и недоволни мерки за заштита на животниот стандард.
Од Владата и претходно ги отфрлаа ваквите критики, истакнувајќи дека се реализираат мерки за зголемување на платите и подобрување на економските услови.
ФИЛИПЧЕ: ГРАЃАНИТЕ ДЕНЕС ИМААТ ПОПРАЗНИ ПАРИЧНИЦИ И ФРИЖИДЕРИ ОД ПРЕД ДВЕ ГОДИНИ
2 Mins Read

