Инцидент се случи за време на Парадата на гордоста во Солун, кога двајца православни монаси се обидоа да го прекинат движењето на поворката што поминуваше низ централните градски улици.
Според грчките медиуми, на улицата „Павлос Мелас“ монасите извикувале „Покајте се“, изразувајќи несогласување со одржувањето на настанот. Во еден момент, еден од нив легнал на коловозот пред едно од возилата што се движело во рамки на парадата, привремено блокирајќи го нејзиното движење.
Монахот во раката држел крст, додека на градите носел икона, а неговиот потег предизвикал внимание кај присутните и краткотраен застој на поворката.
На социјалните мрежи веќе се споделува видео од инцидентот, на кое може да се види како монахот лежи на улицата пред возилото, додека присутните го набљудуваат настанот. Снимката за кратко време привлече голем број реакции и коментари од корисниците.
Полицијата брзо интервенирала, ги отстранила двајцата монаси од местото на настанот и ги привела во полициска станица. Според достапните информации, не дошло до физички судири или посериозни нарушувања на јавниот ред и мир.
По интервенцијата на полицијата, Парадата на гордоста продолжила според предвидената програма, а настанот завршил без дополнителни инциденти.

